РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Регулаторна Комисија за Домување
REPUBLIKA E MAQEDONISË SË VERIUT
Komisioni Rregullator për Banim
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ДОМУВАЊЕ, М-Р ЗОРАН МАЏОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
На ден 13 јули 2021, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски имаше работна средба со претседателот на Регулаторната комисија за домување, м-р Зоран Маџовски.
На состанокот се разговарше за можноста за регистрирање на лиценцирани управители за вршење на дејностите со управување на станбени згради, како и за потребата од избор на лиценцирани инспектори за домување на општинско ниво.
– Можноста за избор на лиценцирани управители за вршење на дејностите за управување со станбени згради ќе биде од голема корист за станарите, затоа што во Општина Крива Паланка се регистрирани вкупно 42 станбени едници, а само 8 од нив имаат формирано заедница на сопственици, изјави градоначалникот Мицевски.
Претседателот на Регулаторната комисија за домување, м-р Зоран Маџовски, изјави дека решавањето на проблематиката со колективното домување е голем предизвик и во таа насока сега станарите имаат одлична можност да направат избор на управител, кој добро ќе се грижи и кој ќе ги менаџира проблемите на станарите, а воедно и ќе ги штити од злоупотреба и нарушување на нивните права што се дефинирани во Законот за домување.