Одземени лиценците на десетина управители на згради во последните 2,5 години, не го почитувале Законот за домувањето

Поради непочитување на Законот за домувањето, изминативе две и пол години на десетина управители им биле одземени лиценците, извести денес Зоран Маџовски, претседател на Регулаторната комисија за домување. Тој денес првпат од функционирањето на Комисијата организира средба со управителите за да им даде можност да се запознаат, да дискутираат за можностите што ги нуди Законот за домувањето, но и за претставките од граѓани незадоволни од управителите.

„Ние како Комисија постојано добиваме од граѓаните некакви претставки за одреден број, само мал број управители, и сега е моментот да ги кажеме тие недостатоци во иднина тие да се анулираат. Морам да потенцирам дека најголем дел од управителите си ја вршат работата, меѓутоа има еден мал број управители што се повторуваат континуирано, против кои има одредени забелешки за нивното работење. Дали е тоа во користење на средствата од резервниот фонд, дали е во начинот на одржувањето и задоволството од одржувањето на колективните згради, дали е во смисла на комуникацијата со граѓаните чии услуги ги вршат, дали е од аспект на давањето извештаи оти управителите се должни да даваат извештаи за парите што ги трошат и слични такви забелешки. Оваа Комисија, која функционира две и пол години, во својот мандат има издадено триесеттина лиценци, а во истиот период на 15 лиценци им престанала важноста. Од нив на десетина им е одземена лиценцата токму поради непочитување на Законот за домувањето“, вели Маџовски.

За 12 години, колку што постои Комисијата, издадени се вкупно 130 лиценци. Во истиот период на 60 лиценци им престанала важноста. Меѓу оние на кои им престанала важноста има некои што се одземени поради утврдени нерегуларности врз основа на Законот за домувањето, кои ги утврдува инспектор за домување, има лиценци на кои им истекла важноста и не биле продолжени, а има и некои што се откажале од лиценцата и престанале да функционираат.