На десетина управители на згради им биле одземени лиценците во последните 2,5 години

Во изминатите 2,5 години на десетмина управители им биле одземени лиценците поради непочитување на Законот за домување, информираше претседателот на Регулаторната комисија за домување, Зоран Маџовски.

Денеска за првпат од своето постоењето Регулаторната комисија за домување, заедно со Групацијата за управување со станбен и деловен простор при Стопанската комора, организираше работна средба со правни лица кои поседуваат лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбена зграда на тема „Давање насоки во врска со вршење на дејностите на управување сои станбени згради“.

– Целта е да им укажеме на управителите на воочените недоследности, бидејќи тоа е од интерес на граѓаните од кои како Комисија добиваме претставки. Но, тие се однесуваат на еден мал дел управители. Иако, морам да кажам дека најголем  број од управителите одлично си ја вршат својата работа – потенцираше Маџовски.

Тој наведе дека забелешките на граѓаните во однос на работата на управителите се однесуваат пред се на користењето на средствата од резервниот фонд, начинот на одржување на зградите, во однос на комуникацијата со граѓаните, како и во однос на давањето извештаи за парите што ги трошат и слично.

За 12 години, колку што постои Регулативната комисија за домување, Маџовски истакна дека се издадени вкупно 130 лиценци, а во истиот период поради утврдени нерегуларности врз основа на Законот за домување биле одземени 60 лиценци. Лиценци биле одземани и поради неисполнување на условите за поседување, односно немање доволен број вработени или доволно средства. Меѓу нив имало и лиценци на кои им истека важноста и не биле продолжени, а има и некои што се откажале од лиценцата и престанале да функционираат.

Во моментов има 70 лиценцирани управители.